Телевизиите се копираат една со друга, им недостига инвентивност

 Марија Георгиевска – уредник и водител на емисијата за бизнис и економија Профит“ на Наша ТВ смета дека се потребни емисии кои ќе бидат направени со сосема нов пристап.

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми и зошто?

Се чини публиката има стеснет избор од квалитетни медиумски содржини. Но, од она што може да се најде, воопшто на каналите, препорачувам да гледаат квалитетни емисии со темелно обработени теми, од кои се добива вредна информација, од која се гледа шанса за нова перспектива во животот, која ќе охрабри да започнат нешто ново, да мотивира, што ќе понуди нови сознанија, образовни програми, домашна продукција на филм, музика, репортажа. Доколку има вакви содржини повеќе во етерот, ќе се влијае на создавање на едно поинакво колективно расположение. Зошто сега, се чини, се е во духот на една летаргија на нацијата.

Што сметате дека граѓаните би требало да избегнуваат и да го сменат ТВ каналот?

-Каналот да се смени на вознемирувачки и агресивни емисии, полни со насилство, лоши детски програми, кои влијаат негативно на развојот, прилози со семејно насилство, несреќи и сл. кои, вообичаено се ударно пласирани, за да привлечат гледаност. Јас го менувам и на неквалитетните сапуници, кои одземаат часови време, а според мене, ги искривуваат гледиштата за вистинските вредности во животот. Можеби и на агресивни и долги политички дебатни емисии, на разни експерти, кои дефилираат во телевизиите, каде се слуша само надвикување помеѓу гостите, а никој никого не може да слуша и гледачот станува нем сведок на таа викотница, без да добие некоја вредна информација.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

Како гледач ми недостигаат проекти од повеќе сфери. Но, нови, иновативни во  начинот на кој се „спакувани“ како тв проект. Затоа, би направила емисија или проект од културно- образовна област, нешто што ќе опфати се она што спаѓа под овие области, литература, театар, филм, музика, образование. Треба да се направат и стручни емисии во делот на ИТ технологии и иновации, во кои ќе им се даде простор на сите кои направиле дострел на ова поле, а со тоа ќе ги охрабри и младите. Да се направат и нови репортажи за нашата земја, кои ќе го откријат вистинското природно богатство, ќе придонесат и младите да ги осознаат и засакаат убавините на својата земја. Освен ова, би дала повеќе простор и на економски емисии, во кои се опфатени теми кои даваат придонес на развојот на претприемништвото, економијата, но не низ призмата на политиката. Со еден збор, дефинитивно да е нешто поразлично, зошто се стекнува впечаток дека телевизиите се копираат една со друга, според програмата што ја нудат и им недостига инвентивност.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

-Не, воопшто не е доволно застапено. Скопје е толку инспиративен, мултикултурен град, град полн со приказни, места и локации, кои чекаат да бидат откриени, истражени и добро презентирани на гледачите. Се надевам, во иднина, ќе има многу повеќе скопски приказни и емисии кои ќе му дадат доволно простор на градот, ќе дадат поубава слика за него. Но, ќе не запознае и нас, жителите. Да не дозволиме, да преовладуваат теми за Скопје, каде што е ставено во некој лош контекст, со лоши вести, проблеми и приказни.

Претходна вестТешко повреден пешак на „Партизанска“, побегнал возачот кој го удрил
Следна вестОд починатите од корона вирусот, 82 отсто имале хронична болест