Од починатите од корона вирусот, 82 отсто имале хронична болест

Најголемиот број од 46 смртни случаеви од корона вирусот во периодот од 29 јуни па до 5 јули, односно 82, 6 проценти од нив, имале претходни коморбидитети, односно други хронични заболувања. Ова го покажува анализата на Институтот за јавно здравје за овој период од која се гледа дека други заболувања имале вкупно 38 починати пациенти. Вака висок процент се потврдува и кога станува збор за анализата на вкупно 346 смртни случаеви.

-Од 346 регистрирани смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (н=246) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 61,6/100.000 жители. Регистрирани се 221 смртни случаи кај лица од машки и 125 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 279 (80,6 отсто) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (н=217), дијабет (н=97) и белодробна болест (н=53), се наведува во анализата на ИЈЗ.

Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,0 проценти), кашлица (43,0 отсто), малаксаност (41,9 проценти), треска (14,8 отсто), главоболка (13,5 отсто), болка во грло (13,2 проценти) и отежнато дишење (12,6 отсто). Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 1.595 (22,4 отсто), а најмалку на возраста од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 310 и 322 случаи соодветно.

-Од случаите кои се епидемиолошки истражени кај 2.071 или 29,6 отсто од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Од нив, 1.327 или 64,1 проценти имале контакт со веќе потврден случај во државата, се наведува во анализата.

Претходна вестТелевизиите се копираат една со друга, им недостига инвентивност
Следна вестСтопирани уметници