На Скопје му се најави „брз автобуски превоз“. Веќе и се потпиша земање на голем кредит од 70 милиони евра за таа намена.
Скопскиот градоначалник објасни зошто е значаен брзиот автобуски превоз кој треба да му се случи на градот, колку патници дневно ќе го користат, колку ќе се скрати времето на превоз од една до друга дестинација, дури и се направи пресметка дека минатата власт сакала да потроши повеќе пари на проектот отколку актуелната… Убаво, но, има ли и работи кои ги губи Скопје со овој проект? Не се објасни колку штета на зеленилото и на инфраструктурниот капацитет на Скопје хипотетички би се предизвикала.
Скопјани на социјалните мрежи го прашуваат Шилегов:
-Што е со зелените појаси на булеварите кои ќе се уништат за да се овозможи циркулација на брзиот транспорт? Ќе се надоместат, кога, каде?
-Каде точно ќе се движи линијата на пример од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, дали тоа значи дека ќе се прошируваат булеварите и каде? Ќе се урива ли на пример, пазарчето Буњаковец заради потребите една лента да се препушти на брзиот транспорт и да останат барем минимум две ленти на „Партизанска“ во еден правец?
-Каде ќе преминуваат пешаците? На колку метри ќе има пешачки премин или ќе се прават надвозници?
-Кај потегот кај зградата „Тифани“ каде ќе продолжи брзиот транспорт, кон Рекорд или кон мостот „Гоце Делчев“? Како ќе се избегне тесното грло тогаш без да се шират улиците? А ако се шират каде ќе се прави тоа?
-Дали овие пари кои се земаа од кредит се доволни или ќе има и други трошоци?
Бројни прашања се на маса, неопходни се јасни проектирани одговори кои ќе ги расчистат сите дилеми. На Скопје му треба подобрен јавен транспорт, но тој мора да биде добро осмислен, а не избрзан бидејќи идат локалните избори.