Силно невреме во доцните попладневни часови ги зафати деловите од скопската котлина предизвикувајќи проблеми во одредени деловиод градот. Околу 19 часот деловите од Скопје беа зафатени со интензивни поројни врнежи проследени со силен ветер, град и бројни грмотевици. Врнежите беа толку интензивни што канализационата мрежа по улиците не можеше да ја прими сета вода и се случуваше прелевањето на шахтите.
Според првичните информации во главниот град има поплавени подруми, улици, балкони…, како и паднати дрвја.
На социјалните мрежи граѓаните почнаа да објавуваат фотографии од последиците на невремето. Така, на ФБ-група Ѕид на општина Гази Баба е објавена фотографија на град со големина на орев а кој направил големи штети во атарот на скопските села Смилковци и Страчинци. Објавени се и фотографии на паднати дрвја на покривите на станбените и деловни објекти, како и на поплавени улици.
Во Автокоманда на главниот булевар за влез во Скопје паднала ограда од надвозникот по што колони возила останаа заглавени. Граѓаните апелираа да не се користи влезот во Скопје преку Автокоманда бидејќи патот е целосно блокиран, а градските служби излегоа на терен.
По околу четириесетина минути состојбата се смири и врнежите престанаа но пак започнаа околу 21 час.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека поголема нестабилност се преместува преку западниот дел на Скопје и слабо се движи кон север до североисток.
Претходно, тетовскиот регион денеска попладне беше зафатен од пороен дожд, грмежи, засилен ветер и повремено појава на град.
Од ЦУК информираат дека големото количество поројни води предизвика поплавување на дворови и подруми на повеќе од педесетина куќи и објекти во пониските делови на Тетово.
По невремето на автопатот Скопје-Тетово се појави свлечиште. Возилата се движат споро заради земјата од свлечиштето која се наоѓа на автопатот .