Невремето што синоќа ги зафати струмичко и валандовско предизвика големи штети. Во валандовско силниот ветар проследен со дожд и град искорна и искрши дрвја, однесе повеќе покриви, откорна пластеници на земјоделски насади, урна соларни системи, а паднатите дрвја предизвикаа штети кај повеќе автомобили. Заради падното дрво на регионалниот пат Удово-Марвинци сообраќајот беше во прекин од 17:00 до 18:25 часот.
Според градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, општинските служби, ТППЕ и екипи на ЈП „Комунален сервис“ се на терен по големото невреме кое ја зафати Општината.
– Настанатите штети ќе можат да се пријават во архивата на општина Валандово. Да бидеме внимателни, смирени и солидарни, објави Костадинов на фејсбук.
Во струмичко синоќа околу 18:00 часот ТППЕ Струмица со едно против пожарно возило и тројца пожарникари интервенираше на отстранување на падното дрво на патниот правец Муртино-Банско, на излезот од Банско кај Завод за заштита и рехабилитација на деца и младинци „Бања Банско“.
Од ТППЕ Струмица апелираа до граѓаните, кои се движаат со своите автомобили, на крајно внимателно управување.
Фото: Радио Валандово