Пред точно 29 години, Македонија, на референдум реши мирно и достоинствено да излезе од крвавиот распад на некогашната југословенска федерација. Граѓаните изгласаа, а тогашната власт го прифати референдумското изјаснување за осамостојување на државата.
Огромно беше задоволството од остварувањето на историскиот сон, од фактот дека се успеало да се создаде сопствена и меѓународно призната држава што е недостижен идеал за многу други народи. Но, какво е сега чуството, има ли место за големо задоволство или…? Дали за овие 29 години е доразвиена независноста или е нагризана и е донесена пред големи предизвици?
Овие прашања се шират меѓу граѓаните на Македонија. Нив не им се доволни пригодните честитки од Пендаровски, Заев, Мицковски…
-Функционерите денеска ни зборуваат за остварени соништа на македонскиот народ, а токму тие спијат кога сонот се растура од многу внатрешни и надворешни фактори. Нам не ни требаат прослави, ни треба сочувување на независноста, ама изгледа некои политичари и не знаат што е независност или за пари ја продаваат, реагира аеродромецот Стефан.
-Сите политичари до сега Македонија ја претвораа во зависник на разни центри на моќ наместо да ја изградат во стабилно општество кое многу попочитувано ќе се вмешаше во светската мапа на држави, ни вели скопјанецот Огнен Зафировски.
Граѓаните негодуваат што и понатаму се води политика во која всушност главниот збор го водат неколку политичари на разни „лидерски средби“, а во позадина има најразлични посредници, олеснувачи, советници….
Резултат на сето тоа се бројни компромиси кои се правеа во изминативе 29 години и кои почнаа со менувањето на првото знаме, со првите интервенции во Уставот, прифаќањето на референцата ПЈРМ заради приемот во ООН, а потоа со поголеми уставни промени со одредбите на Охридскиот договор… Компромисите и промените не завршија со тоа туку продолжија со склучувањето на Преспанскиот договор со Грција, на Договорот за добрососедство со Бугарија со кои се смени името на државата, се откажувме од дел од историјата, сега на удар е македонскиот јазик…
Сето тоа го поставува прашањето, но и дава одговор дека честитката која првиот претседател Киро Глигоров ја искажал на 8 септември и со која на граѓаните им ја честитал „слободна, самостојна и суверена Македонија“ треба да се сочувува, а не само да се слави.