Бил близок пријател на македонскиот великан Гоце Делчев, бил во првата чета на ТМОРО во Малешевијата, бил прв агитатор на македонската организација во западна Македонија, бил дел од социјалистите кои ја прифатиле опцијата за вооружено ослободување на Македонија, војувал во текот на Илинденското востание… Сето ова е собрано во 68-години долгиот живот на Никола Пегров – Русински, македонски револуционер кој цел својот живот го посветил на борбата на македонскиот народ за ослободување од туѓото ропство.
Го споменуваме денес затоа што е роден на денешен ден 17-ти ноември пред 148 години во малешевското село Русиново. Гимназиско образование добива во Кочани, а потоа од 1893 до 1895 престојува во Цариград, каде се образува и станува близок на социјалистичките идеи. Од септември 1895 до март 1897 година, пак, учи во офицерското училиште во Софија каде се среќава со Гоце Делчев и кој во 1895 година го вклучуав во редовите на Македонската организација. Во 1897 година, Русински станал четник во првата чета на ТМОРО во Малешевијата, предводена од војводата Васил Чочов, а потоа и во четата на Гоце Делчев.
Во 1898 година, Никола Петров-Русински се запознал со Васил Главинов, кој во Софија ја формирал Македонско-одринска социјалдемократска група. Русински како социјалист, се вклучува кон групата, во која членуваат Велко Марков, Никола Карев, Димо Хаџи Димов, Лазар Главинов и др. Тргнувајќи од ставот дека без национално ослободување нема ни економска слобода, социјалистите меѓу кои и Русински се залагаат за ослободување на Македонија и ги издигаат слоганите „Македонија за Македонците“ и „Ослободувањето на Македонија е работа на Македонците“.
Во таа насока, социјалистите имаат контакти со ТМОРО со која се сложуваат за вооружено ослободување на Македонија и создавање на автономна македонска република со сопствени сили. Тие настапуваат отворено и се спротивставуваат на тврдиот централизам и идејната затвореност на Организацијата. Но, Делчев и Русински имаат голема улога во вклучувањето на голем дел од социјалистите во Организацијата.
Како близок соработник и човек од доверба на Делчев, во 1900 година бил испратен во западниот дел на Македонија, каде станал првиот војвода – агитатор во Крушевско, Демирхисарско, Кичевско, Прилепско, Охридско, Струшко, Битолско и Мариово. На 3 јули 1900 година учествувал на Првата социјалистичка конференција во Македонија одржана во близина на Крушево. Свесни дека можат да имаат влијание доколку и самите се вклучат во редовите на Организацијата, по одржаната конференција во Крушево, социјалистичката група ги доставува предлозите до Окружниот комитет во Битола кој ги прифаќа и им доделува одредени клучни места (војводско место, инспектор на четите).
По влегувањето на социјалистите во редовите на ТМОРО, Русински станува истакнат организатор и војвода на чета. Спроведувајќи ги доверените задачи тој до август 1901 година ја развива борбената подготвеност на четите во Демирхисарско, Крушевско, Кичевско, Прилепско, Охридско и Струшко, Битолско поле и Мариово. Во четата на Русински како подвојводи во своите реони дејствуваат Јордан Пиперката, Веле Марков, Ѓурчин Наумов – Пљакот, Ванчо Србаков, Ѓорѓи Сугарев, Тале Христов и други.
Никола Русински присуствувал на Смилевскиот конгрес. Иако како и неговиот пријател Делчев бил за партизанското војување и против кревање на масовно востание, бидејќи четите и населението не биле доволно подготвени за напад врз сите линии на непријателот, тој ги прифаќа одлуките донесени на Смилевскиот конгрес. Русински бил избран за член на штабот на Прилепското горско начелство (за Мариовско). Во текот на Илинденското востание 1903 година, Никола Русински чиј помошник војвода е Тодор Златков, командува и со леринските чети, кои се засолнуваат во Мариовско, откако се извлекле од тешката ситуација во Леринскиот реон.
По Младотурската револуција во 1908 година Никола Русински живее во Битола, посветувајќи се на социјалистичката идеја и синдикалното движење. Зел учество во Балканската војна. Меѓу двете светски војни Никола Русински доживува лична драма. По долго боледување му починале сопругата и двете ќерки. По семејната трагедија, тој потполно се посветил на социјалистичката кауза. Автор е на книгата „Придонес кон историјата на Внатрешната Македонско – Одринска Револуционерна Организација – за времето 1900 – 1903“, објавена во 1936 година.
Во времето на фашизмот во Бугарија, учествувал во антифашистичкото движење и ги криел комунистичките илегалци. Но, веќе на 14-ти јуни 1942 година умира во крајна беда во Софија.