Директорот на ЈП Државни патишта од ДУИ Ејуп Рустеми склучил договор за тендер со фирма од Челопеци од Кичево за косење на трева, кастрење на гранки и сечење на дрвја во патен појас и тоа во вредност од над 2 милиони евра. Ова го изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во вчерашното гостување на телевизија „Алфа“.
– Сакам вечерва да споделам една работа со вас, а која што е поврзана со работењето и на владата, но секако и на политичката партија ДУИ. Имено, јавното претпријатие за Државни патишта каде што директор е Ејуп Рустеми од ДУИ склучило со извесна фирма која што да бидам искрен прв пат ја слушам од село Челопеци Кичево, договор кој што основна цел е цитирам: косење на трева, плевел, грмушки, кастрење на гранки и сечење на дрва во патен појас, чистење и собирање на смет во време траење од 2 години, за потребите на ЈП Државни патишта согласно техничка спецификација и договорот е ни помалку, ни повеќе, туку во износ од над 2 милиони евра. Односно 120 милиони денари без ДДВ, и ДДВ во висина од 21 милион и 600 илјади денари. Значи вкупно некаде околу 140 милиони денари или некаде тоа би дошло околу 240 илјади евра договор за косење на трева, плевел, кастрење на гранки, и сечење на дрва во патен појас, во услови кога исто така министер од политичката партија на ДУИ за образование кажува дека не можат да испечат учебници за сите ученици затоа што нема пари, изјави Николоски.
Потпретседателот Николоски нагласи дека треба да се одговори како воопшто се стигнало до овој договор и дали во моментот најприоритетно за Македонија е сечење на гранки и грмушки, како и дали најскапите косачи на трева во Европа живеат токму во Македонија па за две години ќе земат дури 2 милиони и 400 илјади евра.