Судската постапка „Талир 2“ за Ружица Николовска, правна застапничка на ВМРО-ДПМНЕ, била насочена исклучиво кон имотот на политичката ВМРО-ДПМНЕ.
По пресудата, во која беше изречена и мерка за конфискација на имотот на партијата, Николовска најави дека правда ќе бараат од други судови.
-Ќе укажам на само една работа, да се конфискува цел имот на една политичка партија заради некакви дејствија на две лица, обвинети, е надвор од секаква правна и здрава логика. Доколку постојат какви било дејствија и утврдена вина, како што тоа денес судот го стори, тогаш можело да се конфискува и личен имот на обвинетите лица. Овој имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не може да се толкува дека целиот е заслуга на само две лица. Напротив, во таа политичка партија има многу други луѓе кои допринеле за создавање на тој имот. Ќе видиме, сепак ни стојат и други правни средства на располагање и се надевам дека и понатаму правдата ќе биде задоволена, рече Николовска, пренесува Макфакс.
Таа смета дека правата на партијата ВМРО-ДПМНЕ биле ускратени оти иако судечкиот совет се обидел да ја оправда конфискацијата на имотот, во текот на постапката не бил сослушан претставникот на ВМРО-ДПМНЕ за да се произнесе за околностите. Според неа, останува да се утврди дали токму со дејствата на Никола Груевски, кој доби нови шест години затвор, и на Кирил Божиновски кој доби условна казна, бил стекнат токму имотот кој е предмет на конфискација.