Мислење во кое се предлага да се побара оставка од Лидија Димова, директорка на Национална агенција за образовни програми доставил денеска Љупчо Николовоски, заменик на Претседателот на Владата за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси.
Во објавата на неговиот профил на социјална мрежа Фејсбук тој наведе дека мислењето е доставено до премиерот Зоран Заев.
–Мислењето со кое предлагам да се побара оставка од директорката Лидија Димова е денеска потпишано и проследено до Претседателот на Владата. Не сме тука да судиме и кажуваме дали некој е крив и во која мера, тоа е работа на надлежните институции кои треба да утврдат дали има злоупотреби во работењето. Сомнеж не смее да има, транспарентноста мора да е загарантирана, а функционерите да работат максимално професионално и отчетно, напиша Николовски.
Тој неодамна најави дека ќе побара оставка од Димова по скандалот кој неодамна избувна околу доделувањето на средствата на Националната агенција за повеќе проекти.