Јадно: Аеродромци одат по вода дури во Карпош

Аеродромци вечерва се растрчани, не, не бараат маски туку вода за пиење. Од околу 13 часот третина од Скопје нема вода. Чешмите секнаа во илјадниците домови во Аеродром, Центар, Кисела Вода… Тогаш, од „Водовод и канализација“ повикаа на трпение – имало дефект на водоводна цевка кој го поправаат и посочија дека пуштиле цистерни со техничка вода по населбите за да се ублажи проблемот.

Сега е 19:15 часот, вода во славините се уште нема, а снемува дури и во супермаркетите.

-Ги изодев продавниците позади ТЦ „Капитол“ и не најдов големи канистри со вода. Бев до Центар, па дури близу Карпош налетав на 3 големи канисти од по 5 литри и неколку шишиња и ги купив. Нема никаде, вода во големи пакувања. Срамота, во 21 век „Водовод“ дефект цел ден не може да поправи, ни посочи револтиран аеродромец покажувајки ни ги купените шишиња вода во багажникот од автомобилот.

Друг жител на општината реагира дека не може да најде каде има цистерни, да земе една кофа вода колку за во тоалетот.

– Поминав околу главната црква и поликлиниката, одев до кај училиштето „Љубен Лапе“ и се до главниот булевар и цистерна не најдов. Се откажав и сега некако ќе се стрпиме и ќе чекаме. Знам сигурно само дека сметката за вода редовно ќе си стаса, ни посочи средновечен аеродромец.

Цистерна не сретна ниту екипата на „Скопско Ехо“. Неколку пати вртевме и на дежурниот телефон на „Водовод“ кој самото претпријатие го посочи како место каде треба граѓаните да се информираат за ситуацијата, но од другата страна глас не слушнавме.

Инаку за потсетување, од ЈП „Водовод и канализација“ денеска соопшти дека поради голем дефект на булеварот Кочо Рацин, спроти Олимписки базен, голем дел од корисниците од град Скопје ќе имаат прекинато водоснадување или намален притисок.

Станувало збор за дефект на ф500мм за чие санирање има потреба да се затвори цевка од ф1.400мм, а со тоа голем дел од град Скопје ќе има прекин на водоснабдувањето, односно населбите: Центар, Аеродром, Кисела Вода, Лисиче, Ново Лисиче, Припор, Сопиште, Ракотинци, Добри Дол, Драчево, Пинтија, Моране и Студеничани.

Претходна вестНиколовски го доставил мислењето со барање за оставка на Лидија Димова
Следна вестВодовод: Дефектот е саниран, граѓаните ќе добијат вода до полноќ