Не се оствари најавата на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска дека денеска, на 2-ри јануари, пензионерите ќе ги добијат своите пензии. Корисниците на пензиите денеска залудно ги обиколуваа деловниците на банките за да ги подигнат декемвриските пензии.
-Нема пензии, ни најавија за утре дека ќе има исплата, беше одговорот којшто го даваа службениците на шалтерите денеска од изутрина и во текот на попладнево.
Министерката Тренчевска неодамна, на 28 декември, во гостувањето на ТВ Телма, најави дека пензиите ќе почнат да се исплатуваат веднаш по Нова Година.
-Редовните пензии се исплаќаат секој први во месецот. Први јануари е неработен ден, така што на втори јануари ќе ги имаат парите на своите трансакциски сметки сите пензионери, рече Тренчевска во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.
Но, пензионерите кои ги обиколуваа шалетрите залудно се повикуваа на зборовите на министерката.
-Па, нели, министерката рече дека денеска ќе има исплата?, прашуваше една постара жена на шалтерот на деловницата на една банка во скопски Аеродором.
-Е, нема исплата. Утре треба да има. Прашајте ја за тоа министерката, беше одговорот што го доби.
На сајтот на Министерството за труд и социјална политика денеска немаше објаснување кога ќе има и зошто денеска не започна исплатата на пензиите.
Дел од банките минатата недела од свои средства извршија предвремена исплата на пензиите. Но, дел од банките требаше денеска да извршат исплата откако државата ќе им ги префрли парите. Но, тоа не се случи. Ова ни го потврдија во Стопанска банка и во НЛБ – банка.