Во текот на вчерашниот ден во Македонија беше детектиран и вториот случај на индискиот вид на корона вирусот, познат како делта сој, но засега нема да се воведуваат нови рестрикции.
Министерот за здравство, Венко Филипче рече дека ситуацијата будно се следи и нема потреба од дополнителни мерки.
-Ако детектираме дека има ризик од заразување во ноќните клубови и локалите, тогаш повторно ќе воведеме посебни мерки, рече денеска Филипче.
Индискиот вид вчера беше регистриран кај лице кое било на работа во Ирак. Министерот рече дека за конкретните случаи не е регистриран никаков ризик.
– Сè уште нема доволни испитувања каде било во светот за да знаеме точно каков е ризикот за заболување, дали лицата коишто се вакцинираат имаат ризик да заболат. Тоа што досега се знае е дека ризикот да заболат лицата кои се вакцинирани е навистина мал. Но, во исто време и дека вакцината штити од тешка форма на болест од смртност дури и кај оваа форма на вирусот. Има некои публикации сега, излегуваат и некои други од западноевропските земји, меѓутоа, се уште е рано да со сигурност се тврди нешто во врска со ова прашање, појасни Филипче.
Како што рече, во моментот имаат информации дека само две земји Велика Британија која што ги успори процесите на олабавување на мерките и Португалија која што е единствена земја која што има некаква дополнителна рестрикција. Сите други одат кон попуштање на рестриктивните мерки.