Повторно воен удар во Африка. Имено, група високи офицери на војската на Габон рано утринава преку тамошната национална телевизија изјави дека ја презела власта откако изборното тело на земјата објави дека претседателот Али Бонго освоил трет мандат.
Војните лица истакнаа дека ги претставуваат сите безбедносни и одбранбени сили во државата и дека резултатите од изборите се поништени. Било соопштемо и дека сите граници се затворени, а повеќето државни институциите се распуштени.
Овој државен удар се случува само месец дена по сличниот настан во Нигер. Претходно, пресврти се случија и во Гвинеја, Буркина Фасо, Мали…
Инаку, претседателот Бонго го продолжуваше 56-годишното владеење на своето семејство. Опозицијата се залагаше за промени во државата богата со нафта и какао, но во која владее сиромаштија.
По овој најнов државен удар во Африка министрите за одбрана на ЕУ ќе разговараат за ситуацијата. Претставникот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, додаде дека државен удар, доколку биде потврден, ќе предизвика поголема нестабилност во регионот.
-Целата област, почнувајќи од Централноафриканската Република, потоа Мали, Буркина Фасо, сега Нигер, можеби Габон, е во многу тешка ситуација и секако министрите мора длабоко да размислат што се случува таму и како можеме да ја подобриме нашата политика во однос на овие земји. Ова е голем проблем за Европа, изјави тој.