Граѓаните на Македонија имаат мала доверба во судскиот систем. Политичарите со години најавуваат и спроведуваат реформи за да го оправат судството и обвинителството.
И? Еве сега најново е дека скоро 18 проценти од положените кандидати кои се идните судии и обвинители, се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, сегашни и поранешни судии и обвинители. Ова го покажува јавнообјавената ранг листа на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“. Од 58 кандидати, само еден го нема положено завршниот испит. Меѓу листата има и многу звучни имиња, пренесува Макфакс.
Кој се идните делители на правда во Македонија кои треба да го оправат судството? Иден судија или обвинител ќе биде Барлет Џафери, син на Талат Џафери – претседател на Собранието. И Билјана Иванова, снаа на Цветанка Иванова, која е собраниска генерална секретарка котира високо на ранг листата и ќе извршува функција во правосудниот систем. Во оваа листа го има и името на Симона Муцунски Бубевска, сопруга на Тимчо Муцунски – градоначалник на Аеродром…
Најбројни успешни слушатели на Академијата кои ќе делат правда се ќерките, синовите и сопругите на сегашни и поранешни обвинители. Највпечатливо е името на Албулена Абази, сопруга на Ислам Абази – новоизбраниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција, кој се повлече од Управниот одбор на Академијата за да не фрла дамка врз кариерата на идната судијка или обвинителка. И Биљана Смаќоска, ќерка на Гордана Смаќоска – пензионирана обвинителка која гонеше организиран криминал, успешно го поминала испитот. Малку послаб во знаење бил Драган Јосифовски, син на Елизабета Јосифовска – ексобвинителка во СЈО, сега во Обвинителството за гонење организиран криминал, но и тој е иден судија или обвинител.
И судиите ќе имаат свои наследници во правосудниот систем. Па така, Кирил Георгиев, син на судијата Наќе Георгиев – судија во Врховен суд, исто така успешно завршил на Академијата. По него, се впишува и Зоран Здравев, син на Киро Здравев – експретседател на Судскиот совет, кој ќе треба да гони или суди кривични дела. Последен во низата е Илир Јакупи, син на Субхи Јакупи – ексчлен на ДИК и актуелен судија во Вишиот управен суд.
Ова се само дел од имињата. Јавноста одамна реагираше и негодуваше. Имаше и афери за некои од нив како завршиле факултет, но…