Нова активност: Ќе шетам по маркетите за да ги проверам цените за прехраната

По вчерашните гужви во маркетите денеска нема голема раздвиженост. Сега растрчани се продавачите – лепат нови цени. Четири, шест, осум па се до 20 денари се износите на денешните поскапувања на основните животни намирници кои ги забележавме.

Нови цени денеска добиваа лебот, брашното, сончогледово масло за јадење, млекото, оризот, јајцата… При посета на неколку маркети можевме да видиме купувачи како само мафтаат незадоволно со главите или си шепкаат нешто гледајки во новите цени. Најмногу се изненадени од поскапувањето кое се случило кај сончогледовото масло. Поголема е цената некаде дури за 20 денари за еден литар. Но, изненадува и шареноликоста на цените за овој производ. Во еден супермаркет тој сега се продава по 160 денари, а во други по 155 денари. Меѓутоа, во трет маркет ова масло поскапе за значително помалку – за само седум денари. Претходната цена му беше 135 денари а новоистакнатата сега е 142 денари.

-Некои трговци сега претеруваат. Ќе мора да ги шетам сите за да ги видам цените за прехраната, беше реакцијата на еден од купувачите.

Продавачките немаат време да слушаат, брзаат…

-Денеска ги добивме новите цени и ги истакнуваме по гондолите. Се уште не сме стасани за да ги истакнеме сите, но брзаме. Сите цени од основните производи се сменети, ни рече една од продавачките.

Цената на лебот исто така предизвикува незадоволство кај граѓаните. Цената на „бел, сечен леб“ која што до вчера беше 26 денари сега е дури 34, односно, една векна сега е поскапа за цели осум денари или за скоро 30 проценти!? Поскапувањата на другите видови леб не се толкави. Поскапо е и трајното млеко, јајцата…

За колку, кој може да каже, секоја продавница своја ценовна политика. На пример, еден тип на леб во еден поголем маркет беше 46 денари, а во друг е 50. Во едниот маркет, пак, вчера цената на килограм брашно тип 400 се движеше од 38 до 50 денари, во зависност од производителот. Денеска, во истиот маркет, цената на еден килограм брашно тип 400 се движеше од 44 до 58 денари.

Трговците, очигледно, си го вратија процентот на ДДВ кој беше намален од 5 на нула проценти, но, истовремено, сега си определуваат сопствени маржи. А тие прават цените на производите да бидат значително различни. Сето тоа се повеќе станува неиздржливо за граѓаните.

-Ова е се полошо и полошо. Цените веќе галопираат. Јас сум од неодамна пензионер и со мојата пензија се потешко ќе ја издржам оваа трка. Посебно храната станува се поскапа. Време е сите во државата да размислиме каде одиме со ова. Не може Македонија да нема сончоглед, пченица, јајца… Ние сме првенствено земјоделска земја и треба да се свртиме кон производство на храна. Имаме многу необработена земја и таа треба да се работи. Така ќе станеме независни од влијанијата однадвор, ни рече Драги Трајановски од Кисела Вода. 

Претходна вестАнтикорупциска комисија со кривична пријава против Рашковски и Зекири, за вработување хонорарци потрошиле 2,5 милиони евра
Следна вестКој не верува нека го праша Бранко