Нова рунда руско-украински преговори, Зеленски подготвен да попушти за статусот на Донбас

Во Турција за денеска па до средна е најавено продолжување на руско-украинските мировни преговори коишто треба да се одржат со непосредни средби на двете делегации.

Еден од украинските преговарачи Давид Арахамија во објавата на Фејсбук најави дека на преговорите преку видеоконференциска врска е одлучено следната рунда да се одржи во Турција од 28 до 30 март

Рускиот главен преговарач Владимир Медински, исто така, најави одржување нова рунда преговори, но најави дека тоа ќе биде утре и в среда, без да го прецизира местото.

Во петокот украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека процесот на преговори е многу тежок.

-Украинската делегација зазеде цврст став и не се откажува од своите барања. Пред сè, ние инсистираме на прекин на огнот, безбедносни гаранции и територијален интегритет на Украина, рече Кулеба.

Тој негираше дека е постигнат „консензус” со Москва, спротивно на изјавата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган дека делегациите на двете земји одговориле четири од шест точки.

Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека Украина е подготвена на попуштање.

-Украина е подготвена да стане неутрална и да направи компромис околу статусот на источниот регион Донбас како дел од мировниот договор, изјави во неделата Зеленски.

Зеленски ја пренесе својата порака директно до руските новинари во видеоповик. Украинскиот претседател рече дека секој договор мора да биде гарантиран од трети страни и да се стави на референдум.

-Безбедносни гаранции и неутралност, ненуклеарен статус на нашата држава. Ние сме подготвени да одиме на тоа, рече тој, говорејќи на руски.

Зеленски подоцна во своето ноќно видеообраќање рече дека во какви било разговори ќе инсистира на „територијалниот интегритет“ на Украина.

Претходна вестПроменливо облачно време, попладне во југозападните делови локален дожд
Следна вестКазнети 63 моторџии, 25 лица возеле без возачка дозвола…