Дали на сметка на градењето зграда, за што дозвола дала општина Кисела Вода во септември, ќе се исечат сериозен број дрвја во населбата „11 октомври“ до улицата „Борис Трајковски“? На ова прашање што го отвори движењето „Зелен хуман град“, Кисела Вода до овој момент молчи. Единствени достапни информации се на таблата пред градежното место каде што стои името на инвеститорот и изведувач, како и тоа дека тука ќе се гради станбено-деловен објект од приземје, шест ката и поткровје, со три ламели.
-Според изјавите на градежните работници, тие воопшто не ни знаат дали дрвјата ќе се сечат. Меѓутоа, на самата табла, тоа е повеќе од очигледно – планираат да исечат сѐ. Визуелизацијата на таблата открива оскуден, тенок појас трева и мали зимзелени дрвца, за разлика од сегашното бујно зеленило кое се гледа на фотографиите.Тие дрвја, според општината и документацијата, треба да бидат убиени, за врз нив да се гради нешто што веќе го има премногу, и во Кисела Вода, и во цело Скопје. Непосредно зад нив веќе има нова зграда, која сѐ уште не е ни довршена. Околу неа има само бекатон. Ни трага, ни глас од некогашното игралиште, лулашките, малите дрвја. Половина парк го нема, другата половина се гуши во градежен шут и друг отпад. Профитот упорно турка напред – велат од Зелен хуман град.
Дали новоизбраниот градоначалник на Кисела Вода ќе се обиде да го спречи градењето? Сега од општината се очекува барем да гарантира дека дрворедот во овој дел нема да биде повреден.
Стариот градоначалник уверуваше дека покрај зградите кај Расадник ќе има и зеленило, но проектот кој самите инвеститори и изведувачи го презентираа јасно кажува дека зеленилото планирано таму, е недоволно во споредба со огромниот број на згради што ќе треба да се изградат. Време за поправки има.