Новата влада пред финален договор

Составот на новата влада е пред финален договор. Според информации на МИА од работните групи, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ ќе имаат министри во министерствата за внатрешни работи, за финансии, за транспорт и врски, за образование и наука, за култура, за надворешни работи, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за локална самоуправа, за одбрана, за енергетика, за политички систем и други.

Како што пишува МИА, Коалицијата „Вреди“ ги добива Министерството за животна средина и просторно планирање, а министерот што ќе управува со него во исто време ќе биде и вицепремиер. Кадри на коалицијата „Вреди“ ќе раководат со Министерството за здравство и со Министерството за социјална политика, демографија и млади, со Министерството за економија и труд, со Секторот евроинтеграции, како и со уште едно министерство без ресор задолжено за добро владеење и транспарентност.

Претседател на Собранието исто така оди во рацете на коалицијата Вреди.

Според информациите на МИА од работните групи, и преговорите со ЗНАМ финишираат. Тие, се очекува да добијат две министерства и тоа Министерство за правда и новото Министерство за администрација.

-Се очекува овие денови да финишираат разговорите и во позитивен дух да биде потврдена новата реформска влада, посочуваат партиски извори на кои се повикува МИА.

Од друга страна, во Собранието се вршат последните подготовки пред утрешната конститутивна седница на Собранието по парламентарните избори на 8 мај. Собранието ќе брои 120 пратеници, но на утрешната седница ќе присуствуваат само 118 пратеници чии мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и им се издадени уверенија. За два мандати за кои се прегласуваше минатата среда се уште течат жалбените постапки.

Неофицијално се дознава дека претседател на Собранието најверојатно ќе биде Африм Гаши од коалицијата „Вреди“, како што попладнево потврдија од партиските работни групи кои преговараа за нова влада.

Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата Вреди 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.

Со овој парламентарен состав започнува примената на новиот Деловник за работа на Собранието.

Претходна вестОд 1 јуни работници од Западен Балкан ќе работат во Германија без да докажат професионални квалификации
Следна вестПротест на земјоделците во Струмица, се бараат повисоки откупни цени на градинарското производство