Нови амбасади ќе се градат во Атина и Анкара, добиени имоти од СФРЈ ќе се реновираат или продаваат

Ќе се градат нови згради за амбасадите во Атина и во Анкара, за што се одобрени средства од Владата, најави на денешната прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Ќе бидат реновирани повеќе објекти кои се користат како дипломатско-конзуларни претставништва, а се наследени од поранешна СФРЈ.

Со одлуката од пред две недели на заедничкиот Комитет за сукцесија, на списокот на имоти што ги добива нашата држава од поранешна Југославија се додадени имотите во Бразилија, Њу Делхи и во Трст, покрај објектите во Париз, Атина, Камбера, Хараре, Њу Делхи и Рим. Повеќето од овие имоти се неискористени, додека државата плаќа кирии и заеми за амбасади и за резиденции на амбасадорите.

Владата ги одобрила овие финансиски барања и МНР веќе почна проект за реализација на следните проекти:

-Во Атина се гради нова амбасада, каде што ќе биде сместен и Културно-информативниот центар, резиденцијата на амбасадорот и станови за дипломатите, со што ќе бидат заштедени околу 150 илјади евра годишно што се трошат на овие ставки, затоа што, како што вели Османи, ќе имаме наш објект кој го добиваме како дел од поранешната амбасада на Југославија. Вредноста на овој проект е околу еден милион и триста илјади евра

– Цирих, каде е добиен објект во репрезентативниот дел од градот. По неколку неуспешни обиди за продажба и замена на објектот, одлучено е тој да се реновира и во него првпат да биде отворено конзуларно одделение, со што, според министерот, десетици илјади наши граѓани од дијаспората што живеат во Цирих нема да имаат потреба да патуваат до Берн за конзуларни услуги, туку ќе можат да ги добијат во овој град.

-Неискористен е и објектот во Канбера, кој исто така е добиен со сукцесијата, додека државата плаќа наемнини и за станови на дипломати и за амбасада, вели министерот. Започнат процес за проектирање, реновирање и доградба на овој објект, за да имаме постојано наше претставништво таму и станови за дипломатите и на тој начин исто така ќе се заштедат стотици илјади евра годишно.

-Објектот во Хараре (Зимбабве), каде што државата нема претставништво ниту, пак, планира да има, ќе се продаде, за што веќе е почната постапка.

-По пат на реципроцитет, добиено е земјиште во Анкара, во репрезентативниот дел каде што се наоѓаат амбасадите, од околу осум илјади квадратни метри. Почната е постапка за партнерство со други држави заеднички да се изгради објект во кој ќе има и наша амбасада.

-За Амбасадата во Будимпешта, објектот кој по купувањето почнал да се распаѓа и не е во функција, одлучено е да се реновира и надгради, со цел во него да има простор и за сместување на нашите дипломати.

На овој начин, според Османи, земјава ќе стигне до околу 22 објекти во дипломатско-конзуларната мрежа кои се сопственост на државата. Или тоа е веќе половина од нашите дипломатско-конзуларни претставништва. Целта е секаде каде што имаме дипломатско-конзуларно претставништво да имаме наша амбасада, наш објект и наши станови за дипломатите, рече Османи.

Претходна вестОд денеска уверенијата за казнена евиденција ќе се вадат дигитално
Следна вестПриведен скопјанец за испишување политички пораки на автобуска, штаб и контејнери