Нови аргументи контра владиниот проект „Чебрен“: За 60 години ХЕЦ „Тиквеш“ ќе заработи 2,4 милијарди евра, зошто да го подариме на странци?

Намерата на власта да го даде на многугодишна концесија на странци хидроенергетски проект „Чебрен“ и натаму силно ја бранува јавноста. Нема ден да не се случи некое ново аргументирано укажување во однос на (не)оправданоста на овој потег кој се подготвува да го направи македонската влада на неколку месеци пред избори.

Експерти и професори од областа на енергетиката од Македонија се повеќе укажуваат на нови и нови фалинки во она што Владата го избрала како проект кој треба да го прави грчки инвеститор. А се критикуваат, како одлуката проектот да се даде под 60-годишна концесија, така и деталите од договорот кои откиваат дека ваквата зделка ќе биде многу неповолна за нашата држава.

На такви пропусти и лошите страни од договорот со кој грчкиот партнер треба да вложи (како што се соопштува) 1 милијарда евра, за да се направи најголемо езеро во Македонија и хидроцентралата која ќе има капацитет од 333 мегавати и во која државата ќе има 33-процентна сопственост, вчера укажа и универзитетски професор Атанаско Тунески. Тој е и поранешен директор на МЕПСО и член на Регулаторна комисија за енергетика.

Во настап на ТВ Алфа Тунески кажа дека овој капитален објект треба да го гради самата наша држава и дека средства за тоа може да се обезбедат.

-Се кажува дека „Чебрен“ ќе ја зајакне нашата енергетска независност. Како може објект во грчка сопстевност да ја зајакне нашата енергетска независност? Македонија може без проблем да го изгради овој проект. Треба само да се дозволи струјата од ХЕЦ „Тиквеш“ слободно да се продава на светските берзи со што годишно ќе се заработува по 40 милиони евра по сегашни цени. Ќе се додаваат годишно по 20-30 милиони евра и ќе има 60-70 милиони евра за градба. За 10-12 години се ќе се изгради во наша сопственост, наведе Тунески.

Вакво нешто деновиве бара и енергетски експерт Константин Димитров кој смета дека со тоа „ќе работиме за туѓи господари и туѓи дворови“ наместо самите да го градиме капиталаниот проект. Експертите посебно укажуваа и на неоправданоста ХЕЦ „Тиквеш“ да прејде (да биде подарен) во грчка сопственост откако ќе биде направен „Чебрен“ во период од 60 години.

-ХЕЦ “Тиквеш“ годишно произведува 150 гигаватчасови струја кои ако се продаваат на берза вредат 40 милиони евра. Значи, само за десет години Грците ќе заработат околу 400 милиони евра од продажбата на нејзината струја. За шест децении сумата е 2,4 милијарди евра. Таа ХЕЦ воопшто не е амротизирана како што тврдат владините претставници туку е обновена во 2005 година, тврди Тунески.

Во јавноста имаше дилеми и околу тоа како ќе се користи водата од езерото коешто ќе биде направено, а со што ќе стопанисува грчкиот сопственик.

-Прво, ова езеро ќе има 60 проценти „мртов волумен“ односно, толку вода нема да може да се користи поради теренот. Акумулацијата од 915 милиони метри кубни вода е предимензионирана и правена врз погрешни податоци. Не се прават хидроцентграли ако „мртвиот волумен“ е поголем од 45 проценти. Одозгора, за да се наполни ова езеро ќе бидат потребни најмлаку три години откако ќе се подигне браната. Толку години нема да работи ХЕЦ „Тиквеш“ оти речиси цела вода од Црна река ќе оди за полнење на езерото. После, лесно може да се случи водата да оди за наводнување на Солунското поле, а не на Пелагонија и Тиквеш, предупредува Тунески.

На виделина сега излегува, како што вели професорот, и дека пред 6-7 години, на еден од тендерите, имало и конкретна понуда од една германска фирма која на нашата држава и и давала 48 отсто од произведената струја наместо сегашните 33 проценти од профитот. Но, тогашната Влада проценила дека тоа не е добра зделка и дека тоа е малку па договорот не се склучил. 

За Тунески не е разбирливо и зошто не е договорено Македонија да добива 33 проценти од произведената струја туку ќе добива 33 проценти од профитот на грчката фирма, што според него секогаш може да се намали од сопствениците на фирмата.

Енергетските експерти, очигледно, се повеќе укажуваат на тоа дека она што е прифатено како договор не е поволно и дека треба да се откаже вака замислениот проект. Практично, се дојде во ситуација во која речиси сите енергетски експерти во македонија укажуваат дека вака договорениот проект „Чебрен“ воопшто не е добар и дека треба да се смени.

Дали тоа го слушаат владините претставници кои веќе најавуваат почеток на градбата на хидроцентралата?

Претходна вестТешка сообраќајка на патот кон Долно Блаце: Еден загинат, шестмина повредени во судир на минибус и „голф“
Следна вестСДСМ: Блокадата на европскиот пат на државата има име и презиме, ДПМНЕ и Мицкоски