Нови дојави за бомби утринава се примени во повеќе институции но и средни училишта на скопското подрачје. Во сите нив веќе е извршена евакуација на вработените, учениците и на граѓаните, а полициските екипи веќе започнаа со проверките.
Полициски екипи за антитероризам се појавиле во Градски трговски центар во центарот на Скопје и им наредиле на граѓаните да го напуштат објектот, како и сите дуќанџии и вработени во фирми во ГТЦ.
Слични дојави изутринава добиле и вработените на МНР, па и таму се спроведува евакуација на вработените.
-До Министерството за надворешни работи преку електронска пошта пристигна информација дека во зградата се поставени експлозивни направи. Министерството веднаш ги извести соодветните служби во МВР, по чии насоки заградата е веднаш евакуирана. Соодветно на безбедносните протоколи, штом се создадат соодветни услови, вработените ќе се вратат на работа, информираат од МНР
Изутринава има повторно јавувања за бомби во некои средни училишта, како во гимназијата „Орце Николов“ во Карпош и средното техничко училиште „Владо Тасевски“ во Аеродром.
Порака за поставена експлозивна направа била испратена утрово во основно училиште во Кавадарци, информираше портпаролот на СВР Велес, Ристе Самарџиев.
– Околу 08.20 часот во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на едно основно училиште е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштето, појасни Самарџиев.
Министерството за внатрешни работи денеска потврди дека девет скопски училишта и едно во Кавадарци, како и Министерството за надворешни работи, ГТЦ, Џевахир сити и трговскиот центар „Ист гејт“ утрово добиле закана за поставена експлозивна направа.
-Денеска околу 9:30 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на електронските адреси на девет училишта, Министерството за надворешни работи, ГТЦ, Џевахир сити и ТЦ „Ист гејт“ е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, соопшти МВР.
Дојавите за бомби се прошируваат и во регионот. Наставата во неколку основни училишта во Подгорица, Црна Гора денеска е во прекин поради дојава за поставени бомби, јави РТЦГ.