Нови дојави за бомби: Влезе наставничка и ни рече итно да го напуштиме училиштето

Девет скопски средни училишта денеска околу 14 часот повторно добија електронски пораки со кои им се упатува закана со поставена бомба. Како што веќе извести „Скопско Ехо“ наставниот персонал ја прекинал наставата во „Раде Јовчевски – Корчагин“ околу 14 часот и 15 минути. Според првичните информации, дојава за поставените бомби е испратена и до средните училишта: , „Орце Николов“, “Никола Карев“, „Боро Петрушевски“, „Владо Тасевски“… 

Набргу по приемот на мејловите училишните управи и полицијата организирале итна евакуација на учениците кои биле во втората смена, а полицијата веднаш започнала со претрага на објектите.

Од МВР ја потврдија веста за дојавите за бомби и велат дека повторно имало закани во 9 училишта.

-Денеска (27.10.2022) во СВР Скопје околу 14 часот е пријавено дека на меил адреси на девет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземаат мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти МВР.

Во уличките околу гимназијата „Корчагин“ имаше многу ученици, а забележливо беше и присуството на полиција.

-Влезе една наша наставничка и ни кажа дека мораме итно да ја напуштиме зградата. Кога прашавме која е причината, таа ни одговори дека е „Иста како и вчера“. Потоа излеговме пред училишната зграда каде веќе беше дојдена полицијата. Професорите ги тргнуваа своите автомобили коишто беа паркирани пред зградата. Немаше голема паника оти мислевме дека пак ќе биде лажна дојава. Но, треба да се открие кој сака да не плаши и ги праќа ваквите пораки, ни рече еден ученик во оваа скопска гимназија.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека истрагата за дојавите за бомби во скопските средни училишта е во тек и дека имаат првични информации од каде се испратени мејловите.

– Вчера имавме дојава во 8 училишта за наводно поставени бомби. Секако дека овие згради беа детално проверени од Одделот за антитероризам и утврдивме дека станува збор за лажни пријави. Истрагата е во тек, ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие мејлови. Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП-адреси од каде доаѓа овој, би рекол, монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да се игра со судбините на децата и на сите нас, ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да си игра со системот и со граѓаните, изјави утринава Спасовски за Македонска телевизија.

 

Претходна вестПовторно итна евакуација на гимназијалците од скопски „Корчагин“
Следна вестОбвиниение против кавадарчанец кој пијан ја претепал партнерката која потоа починала