Струшките вечери на поезијата со повеќе настани ќе го одбележат утрешниот 21 март- Светскиот ден на поезијата. Главниот настан, свеченото прогласување на добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ за 2024 година ќе се одржи утре со почеток во 11ː00 часот во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје. По свеченото прогласување ќе следува традиционалното поетско читање по повод 21 март- Светскиот ден на поезијата на кое ќе настапат истакнати поети- членови на Македонскиот ПЕН Центар, како и други истакнати македонски поети, а од името на Македонскиот ПЕН центар ќе биде прочитано поетското послание.
Оваа година по повод Светскиот ден на поезијата, ќе биде организирано и поетско читање во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга со почеток во 18ː30 часот. Ќе настапат истакнати македонски поети од Струга, Вевчани, Охрид, Кичево, Прилеп и од Скопје, а ќе бидат прочитани и песни од добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ за 2024 година.
Струшките вечери на поезијата ја започнуваат соработката со Europe House Струга, новиот простор кој има цел да го привлече младинскиот сектор, да стимулира иновации, напредно размислување, вмрежување на поединци, групи, заедници и организации кои би креирале и би презентирале нови идеи, како и да поддржува иницијативи што се придржуваат кон вредностите и практиките на ЕУ. Во чест на Светскиот ден на поезијата, во Еуропе Хоусе-Струга на 21.03.2024(четврток) со почеток во 20 ч. ќе биде организирано поетско читање „Пулсот на поезијата“ на кое ќе настапат млади поети од Струга, Охрид, Вевчани, Скопје и Куманово.
Оваа година, за првпат, со заедничка иницијатива на Струшките вечери на поезијата и Министерството за образование и наука по повод 21 Март – Светскиот ден на поезијата Министерството за образование и наука и поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ објавија конкурс за избор на најдобра песна, наменет за учениците од основните и средните училишта. Целта на конкурсот е поттикнување на креативноста и имагинацијата на учениците и популаризација на поезијата како литературна форма и највисок јазичен израз.
За првпат оваа година во сите основни и средни училишта за време на наставата по мајчин јазик ќе се организира и еден специјален час посветен на 21 март – Светскиот ден на поезијата, при што учениците ќе бидат запознаени со важноста на денот востановен од УНЕСКО во 1999 година и важноста на поезијата како една од најблагородните и возвишени уметности на пишаниот збор. Пред младите ќе бидат презентирани примери од најпознатите светски и домашни поети како и значењето на „Струшките вечери на поезијата“ како еден од најзначајните светски поетски фестивали, а ќе бидат прочитани и стихови од годинешните добитиници на „Златниот венец“ и „Мостови на Струга“ како највисоки признанија кои се доделуваат на овој фестивал.