Дел од кандидатите за градоначалници кои победија во првиот круг од локалните изборите ги добија уверенијата од Општинските изборни комисии (ОИК) и почнаа да ги преземаат функциите. Меѓу оние кои први седнаа во градоначалничките фотелји се новите градоначалници на скопските општини Гази Баба и Бутел, како и на Штип, сите од ВМРО-ДПМНЕ.
Новиот градоначалник на Гази Баба Бобан Стефковски од ВМРО-ДПМНЕ кој го наследува досегашниот Борче Георгиевски од СДСМ најави дека ќе биде модерна, инфраструктурно развиена, општина гордост на градот Скопје и ги повика граѓаните да се обединат и заедно да ја градат.
Фотографија од новото работно место објави и Дарко Костовски кој ја презеде функцијата градоначалник на Бутел.
-Од денеска во служба на граѓаните, сите заеднички ќе чекориме кон модерна, безбедна и просперитетна Општина Бутел, напиша Костовски на социјалните мрежи.
Во првиот круг градоначалници се избраа во 30-тина општини, а во останатите, како и во градот Скопје ќе се гласа во втор круг во недела на 31 октомври.