Новогодишните честитања ќе пројдат, ама песимизмот кај Македонците…

Пристигна Новата Година. Ова е период кога секој од нас на своите најблиски роднини, пријатели, колеги… им посакува здравје, радост, мир… Всушност, си посакуваме следните 365 дена да ни бидат поубави од минатите.

Ама желбите се едно, но, што ќе биде во реалноста во Новата година? Тука веќе кај македонското население владее песимизам.

Ако не иста, како оваа што изминува, тогаш Новата 2024-та година ќе биде полоша. Вакво е доминантното чуство кај македонските граѓани, што го покажа пред некој ден објавената анкета на Галуп Интернешенел.

-Само 20 проценти од граѓаните во земјава очекуваат 2024 година да биде подобра од 2023 (светскиот просек е 39 проценти), 34 отсто сметаат дека ќе биде полоша (светскиот просек е 26 отсто), а 40 проценти дека ќе биде иста како годинава (светскиот просек е 28 отсто), покажува анкетата правена лице в лице со 1.203 испитаници.

Очигледно, песимизмот е длабоко всаден кај македонските граѓани. Зачудувачки ли е тоа? Може ли да биде поинаку во земјата која никако да се стави на колосек на нормален и правилен развој, во која не може да се склучи договор, а да не се побара мито, или да се вработи и запише дете во градинка ако нема амин од партиските штабови, или…? Може ли да се има оптимизам ако се гледа во каков хаос е образованието и здравството во Македонија? Може ли да се биде оптимист ако се гледа како политичарите владеат со земјата?

Тешко дека може. Ама мора да се изнајдат сили за да се премавне – намали песимизмот. Има ли за него лек и го бара ли некој воопшто?

Македонија нема голем избор: или ќе се бара лекот или песимизмот и неверувањето во подобро утре ќе го допрат дното по што самата држава тешко ќе дише. Кој треба да запне?

Сите во Македонија!

Одговорноста на политичарите сега е огромна. Да, политичарите, од власта и од опозицијата ќе ветуваат во своите празнични обраќања до граѓаните дека ќе го бараат лекот, но проблемот останува во спроведувањето на она што го ветуваат. Доста е од такви пракси, зарем намерно всадуваат песимизам?

Одговорноста на интелектуалците, професорите, уметниците е исто така голема. Треба да промовираат низ личен пример работливост, чесност, човекољубие… Доста е од „увлакање“ кај партиите што е хоби на многумина.

На потег се и сите останати граѓани. Во оваа 2024 година мора да се работи и учи посилно. Мора да има поголема толеранција и желба за општо добро. За напредок треба да се запне, а не да се очекува се друг да ни сервира.

Воедно, ова е година на избори, пред да се гласа треба добро да се помисли кој се го донесе македонското општество до овој песимизам.

Претходна вестМостовите без столбови и разурната конструкција предизвик и во новата година
Следна вестПожарникарите спасија неподвижна жена од опожарена куќа во пламен