Жителите на Ново Маало денеска поднесоа петиција до Владата и Општина Центар со која бараат итно да овозможат изградба на комплексот на паркингот спроти „Холидеј ин“.
На петицијата, со преку 330 потписи се потпишани жители на Ново Маало, но и соседи од Градски ѕид и граѓани кои ги поддржуваат.
-За првпат по децении талкање низ лавиринтите на системот, семејствата кои живеат во услови како од 19 век, конечно добиваат можност за достоен живот. Сметаме дека никој нема право да одлучува за тоа како ние ќе живееме, нема да дозволиме поради нивните неразумни барања да останеме да живееме во супстандарди услови, прокиснати кровови, септички јами, нерешено греење и депонија за отпад, велат жителите на Ново Маало.
На сите оние кои реагираат дека овој простор ќе стане бетонска џунгла и бараат зеленило, им порачаа дека да дојдат и да живеат во нивните куќи, кои не можат ниту да ги реновираат, и со задоволство ќе се заменат со нивните удобни станови.
Со петицијата бараат од институциите да не го суспендираат планот. Во спротивно, подготвени се да излезат на протест.
-Ќе се повикаме на Законот и сè што е спротивно на тоа значи дека нема да има градба, изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски, на новинарско прашање, за владиниот став во однос на изградбата на комплексот на паркингот спроти „Холидеј ин“, како и петицијата поднесена од граѓаните на Ново Маало кои се залагаат за изградба на објектот.