„Њу Ордер – Декади“ и „Мериен и Леонард Коен: Зборови за љубовта“ се двата документарни филмови кои ќе бидат прикажани во рамките на настанот „Загревање“ на „Скопје Синема Сити“, на 19 февруари во Кинотека на Македонија.
Зошто токму Њу Ордер? Бидејќи минатата година токму овој бенд од Манчестер беше во фокусот на вниманието. Филмот е приказ на нивниот проект во соработка со Манчестерскиот интернационален фестивал каде се случуваат невообичаени уметнички инсталации и проекти. Тој е истовремено и полуконцертен и полудокументарен филм за оваа соработка и серија настапи по европските градови.
„Мериен и Леонард Коен: Зборови за љубовта“ пак зборува за Леонард Коен и неговата муза Мериен Илен која инспирирала многу од неговите песни. Филмот ја прикажува нивната бурна врска и животни патишта од почетокот на островот Хидра па се до нивниот крај.
Проекциите на филмовите започнуваат во 18 и 20 часот.