Нуредини ги повика скопските власти да го завршат својот дел за пречистителната станица за отпадни води

Пречистителната станица за отпадни води во Скопје е во финална фаза, изјави денеска министерот за животна средина Насер Нуредини, повикувајќи ги и локалните власти да го завршат својот дел од работата.

-Се надевам дека потребните активности во овој дел ќе ги реализираат и институциите на локално ниво зашто повеќе од јасно е дека ако немаме пречистителна станица, не можеме да бидеме членка на ЕУ, укажа министерот.

Тој настапи на настанот „Зелена агенда – обновливи ресурси, македонска храна, европски пазари“ кој е вториот од серијата настани посветени на годинашниот Извештај на ЕК за напредокот на нашата земја.

Политичките препукувања меѓу скопската граодначалничка Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ за местенка на тендерот за пречистителната станица во Скопје го забавија изборот на фирма што ќе гради објектот. Беа изречени сериозни обвинувања дека некој сакал да профтира од тендерот вреден 136 милиони европски евра што е една од најголемите инвестиции во земјава. Потоа целиот случај дојде во рацете на МВР и на Обвинителството кои почнаа со истрагата во градското претпријатие „Водовод и канализација“ и по други институции. Но, епилогот на истрагата се уште нема.

Инаку, скопската пречистителна станица, треба да се простира на површина од 13 хектари, на левиот брег на реката Вардар кај Трубарево и да има капацитет за опслужување 500.000 жители.

Според планот, на годишно ниво, ќе третира 51,3 милиони м3 непреработена отпадна вода и ќе покрие девет од десетте скопски општини. Со неа конечно треба да се реши горливиот проблем со загадувањето на реката Вардар чија вода не смее да се употребува за ништо без претходна обработка.

Претходна вестСкопјанец изработил и употребувал лажна платежна картичка
Следна вестСмртноста на предвремено родени бебиња намалена од 25 на 8,2 проценти