Нужни се темелни промени, новата власт мора да биде реформски настроена, порача вечерва професорката Гордана Силјановска Давкова од регионалниот изборен штаб во центарот на Тетово каде што како кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ беше поканета од локалното членство.
-Кога претседател кој мора да ги штити државните интереси прво вели дека не ја видел преговарачката рамка, а во меѓувреме обзнанува дека учествувал во нејзината изработка имаме проблем со отсуство на одговорност. Шефот на државата, пред сè друго, мора да ги брани националните приоритети и да не заборава дека суверенитетот извира од граѓаните. Не смее да се заборави дека легитимитетот на шефот на државата извира директно од граѓанинот како носител на суверенитетот. Кога се избира претседател има шанса личноста на претседателот да обедини и други луѓе кои нема да гласаат за партијата од идеолошки или од други причини. Секој што претендира на претседателска позиција мора да има на ум дека треба да обединува, а не да разединува, порача таа меѓу останатото во вечерашното обраќање пред членовите на партијата.