О2 Иницијатива: Паднаа митовите дека Берово е воздушна бања, а Битола град со најзагаден воздух

Многу митови за загаденоста на воздухот во одделни градови во Македонија паѓаат во вода со направената анализа и споредувањата со минатите години, тврди невладината еколошка орагнизација О2 Иницијатива. Таа направи анализа за присутноста на штетните ПМ10 и ПМ2,5 честички во текот на декември минатата и во изминативе години.

-Споредбите покажуваат дека многу митови паѓаат во вода. Еден од нив е митот за воздушните бањи со чист воздух, како Берово и Охрид. Во поглед на многу поопасните ПМ2.5, Берово изминатиов декември има само еден ден со т.н. чист воздух. Прилеп, Гостивар, Кичево (недостасуваат повеќе дневни мерења), Тетово, Струмица, Гевгелија немаат ниту еден ден воздух чист за ПМ2.5 честички. Мерните места со најголем број на денови со чист воздух за ПМ2.5 се Битола 1 (недостасуваат мерења за повеќе денови) и Миладиновци. Мерната станица Битола 1 се наоѓа на периферијата на Битола во близина на мали индустрии за производство на храна и пијалоци, на оддалеченост од 13 километри од РЕК Битола. Овие податоци го уриваат митот дека Битола е најзагаден град поради РЕК Битола, тврди О2 Иницијатива

Во однос на ПМ10 честичките, во Скопје и Тетово повеќе ги немаме високите дневни концентрации со над 500, 600, 700, 800, 900 μг/м3 кои беа резултат на големата индустрија која работеше без филтри, како Макстил, Југохром и др.

-Во декември 2022, со исклучок на Лазарополе, дневни концентрации на ПМ10 до законски дозволените 50 μг/м3, повеќе од половина месец имаат: Миладиновци – 20 дена, Битола 1, Штип и Берово – 17 дена, Гази Баба со 16 дена и Ректорат со 15 дена. Еден индустриски град како Скопје, со мерна станица близу Железара и уште една кај најфреквентна крстосница имаат скоро еднаков број на денови со дозволено загадување како Берово, исто како и Битола во индустрискиот дел. Митовите дека места како Берово дишат многу повеќе денови на дозволено загаден воздух од одредени реони во големите индустриски градови со густ сообраќај се рушат. Најмалку денови со чист воздух во декември изминативе години се измерени во Кичево, Тетово и Кавадарци, покажува анализата.

Во декември 2022 година, единствено во Струмица немало ниту еден ден во кој ПМ10 биле под 40 μг/м3, што го позиционира градот на врвот на табелата на загаденост.

-Можеме да заклучиме дека покрај подобрувањето на квалитетот на воздухот во Скопје и Тетово откако големите индустрии ги поставуваат филтрите или престануваат со работа, временските прилики продолжуваат да се главниот фактор кој влијае врз квалитетот на воздухот, микроклимата, дали дува ветер или не, од кој правец, дали врне, дали има магла и слично, тврдат од О2 Иницијатива.

 

Претходна вестДончиќ си купи „тенк“ од 300.000 долари
Следна вестМаж преживеал 24 дена на море јадејќи само кечап