Обезбедени се вакцини за 400 илјади лица, ќе пристигнеле првите месеци од 2021 година

Обезбедени биле 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани на Македонија за вакцина и ревакцинација во рамки на ковакс механизмот. Инаку, согласно планот за дистрибуција, вакцините се очекуваат во првите месеци од 2021 година, информираа од Владата во врска со набавката и пристигнувањето на вакцината против Ковид-19.

-Покрај овој механизам, започнавме преговори и за директна набавка од компаниите, кои ги произведуваат вакцините. Предвиден е и трет механизам преку Европската Унија која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од унијата. Ние аплициравме за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони. Дел од првата пратка на вакцини што ќе стигнат во Грција ќе бидат наменети за нашите граѓани. Ова e потврдено уште еднаш во телефонски разговор со грчкиот премиер Мицотакис, соопшти владиниот портпарол Душко Арсовски.

Во врска со планот за тоа по кој редослед ќе се вакцинираат граѓаните во нашата држава, истакнато е дека, штом биде достапна вакцината во Македонија, први ќе ја примат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и останатите на приоритетната листа.

Претходна вестВо скопските ковид-центри за 24 часа хоспитализирани 31 пациент, а оздравеле 45 лица
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Шилегов среде рецесија вработува 135 лица, ќе плаќаат скопјани