ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов среде рецесија вработува 135 лица, ќе плаќаат скопјани

Нови вработување прави градоначалникот Петре Шилегов за време на криза во Град Скопје, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ. Имено, како што соопштуваат од партијата, вчера, мнозинството на СДСМ во Советот на Град Скопје, по предлог на градоначалникот Шилегов, изгласало и одобрило 135 вработувања на определено време на директен товар на грбот на граѓаните.

Партискиот портпарол Димче Арсовски рече дека иако имало 19 возачи во Град Скопје, Шилегов вработил уште еден.

-Шилегов, но и Зоран Заев, и на последните избори, како и на изборите пред тоа, ветуваа стручна и за 20 проценти намалена администрација. Дури и ветуваа проект за преземање на вработените од државната администрација во приватниот сектор, но, еве, по изборите гледаме како се вработуваат 135 лица, и тоа директно за потребите на Градот. Тоа се 135 плати за раководители, соработници, советници на Шилегов, што ќе ги плаќаат граѓаните. Еве, дури се нашло и место за личен возач на Шилегов иако Град Скопје, по претходна изјава на самиот Петре Шилегов, имало вработени дури 19 возачи, сега уште еден, рече Арсовски.

Тој рече дека претходниот личен возач на Шилегов е унапреден во стручен соработник за висока плата во градско претпријатие.

-Замислете, Шилегов на определено време ќе вработи и раководител на одделение за европски интеграции, поточно измислено место во градот за да може Шилегов да додели плата. По потрошените половина милион евра од Шилегов за макети во Зоолошката градина и украсување со лански лампиони, никој не знае колку ќе чини годишно вработувањето на овие 135 лица во Град Скопје, нормално, сите избрани по партиски клуч од СДСМ. Петре Шилегов треба да излезе и да ги објасни потребата и неопходноста од вработување на овие 135 лица на определено време среде корона, среде рецесија и во услови кога 55 илјади лица ги загубија работните места претежно во приватниот сектор, рече Арсовски.

Претходна вестОбезбедени се вакцини за 400 илјади лица, ќе пристигнеле првите месеци од 2021 година
Следна вестАндоновска: Соседните држави имаат вакцини против вирусот, ние последни ќе ги добиеме