Политичарите да се воздржат од употреба предметот „Онкологија“ во политички цели, порача денеска државното Јавно обвинителство. До реакцијата доаѓа откако министерот за здравство Фатмир Меџити денеска по вторпат ги повикува да излезат со имиња и презимиња на евентуално одговорните во скандалот „Онкологија“. Меџити бара Обвинителството да излезе со имиња и презимиња на инволвирани во кривични дела, зашто кадарот на Клиниката за онкологија работи под притисок.
-Јавното обвинителство води предистражна постапка и не постапува по барања на други лица. Информаци се споделуваат единствено во обем кој нема да наштети на постапката. Јавните обвинители работат одговорно и темелно почитувајќи ги сите законски рокови. Јавното обвинителство апелира политичарите да се воздржат од употреба на овој чувствителен предмет во политички цели, велат од ЈО.
Се наведува дека Обвинителството води предистражна постапка откако претходно во координација со МВР ги обезбеди медицинските истории на повеќе пациенти од Клиниката за онкологија и истражува обележја на кривични дела поврзани со финансиска злоупотреба и несовесно лекување.