Основното јавно обвинителство Велес бара притвор за велешанец кој при семејно насилство ја повредил сопругата со која не живее заедно затоа што во тек е бракоразводна постапка. Обвинителството поведе постапка за кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Во домот на родителите на жртвата осомничениот отишол за да го земе на видување нивното шестмесечно бебе, но започнал да ѝ се заканува на жената, а потоа и физички ја нападнал и почнал да ја дави за вратот. Таа претходно повеќепати го пријавувала за семејно насилство, а против него во тек е и судска постапка за неизвршување на судска одлука“, соопшти Обвинителството.
Поради ризикот да го повтори делото или да се даде во бегство, особено со оглед на тоа што членови на неговото потесно семејство живеат во странство, јавниот обвинител оцени дека се исполнети законските услови и поднесе предлог за определување мерка притвор до судија на претходна постапка.