Наредба да се обезбеди документација за стекнувањето и сопственоста на возилото „ауди“ коешто вчера изутрина беше запалено во Скопски Чаир, издаде Јавното обвинителство.
Како што е познато, првиот вицепремиер Артан Груби за запаленото возило рече дека е на негов пријател, а не негово. Во МВР како сопственик на возилото се води друго лице и Груби го нема пријавено во анкетниот лист. Во соопштенијата на Владата и на СДСМ во врска со овој инцидент се наведува дека Груби „го користел возилото“.
Јо соопшти дека веднаш биле издадени соодветни наредби.
-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје веднаш по опожарувањето на возилото даде наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите. Меѓу преземените дејствија, издадена е наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото, вели Обвинителство.
Тие додаваат дека надлежен орган да ја евидентира и следи имотната состојба на избраните и именуваните лица, како и да врши проверка на податоците во изјавите за имотната состојба е Државната комисија за спречување на корупцијата.
-Доколку проверките упатуваат на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност, обвинителството ќе постапи согласно своите законски надлежности, се наведува во соопштението.