Обвинителството побара максималнa казнa за Мијалков за незаконско прислушување

Максимални казни за Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ побара денеска обвинителката Ленче Ристовска во завршниот збор за случајот со незаконско прислушување „Таргет-Тврдина“. Таа и обвинителот Трајче Пеливанов во Кривичниот суд рекоа дека во текот на судењето успеале да докажат дека обвинетите ги сториле делата.

Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

– Последиците од незаконското прислушкување се од огромни размери. Не само за приватноста на луѓето кои биле прислушкувани туку и за последиците кои се настанати во општеството и општествените процеси. Предлагаме судот да ги огласи обвинетите за виновни и да ги осуди според законот. Повредата на уставните права и слобода на граѓаните кои разговори биле прислушувани е од досега невидени размери. Во оваа насока, иако е запретена максимална казна до 5 години, сметаме дека нема пречка за Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ да бидат казнети со максималните казни за сите кривични дела кои им се ставаат на товар, истакна обвинителката Ристоска.

Наредното рочиште продолжува на 19 февруари, кога завршни зборови треба да дадат обвинетите и нивните адвокати.

Во „Таргет-Тврдина“ се обвинети 12 лица, меѓу нив се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и уште 10 други лица вработени во тајната полиција.

Горан Грујевски и Никола Бошкоски се недостапни за судот.

Претходна вестЗа пензии во готовина: Исплата во 4 групи од 25 февруари до 2 март
Следна вестЌе именувале улица по Есма Реџепова, додека нејзината куќа гние во трева, ограбена, распадната