Со Драгана Спасевска, неформален лидер на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ зборуваме за актуелните случувања во сферата на образованието, нивните барања и претстојната акција за собирање на потписи за распишувaње референдум.
Ве очекува собирање на 150.000 потписи за распишување на Референдум околу промените во Законот за учебниците и наставните средства. Како се одвива собирањето на потписи, до кога планирате да го добиете потребниот број?
-Се уште чекаме премиерот Заев да ја извести Државна изборна комисија, за да ги отвори своите подрачни единици ширум Македонија, за да можат граѓаните да го дадат својот потпис. Тој тоа треба да го направи во рок од 20 дена, од денот кога е известен од претседателот на Собранието, а тоа е 28.05.2021. Штом започеме имаме законски 90 дена за собирање на 150.000 потписи. Граѓаните и родителите секојдневно прашуваат кога ќе започнеме и желни се што поскоро да се почне.
Очекувате ли опструкции при собирањето потписи, но и повлекување на дел од подржувачите на иницијативата?
– Очекуваме опструкции. Секако веќе јасно се гледа оние родители кои се активисти на владеачката партија дека се под притисок, меѓутоа има и дел од нив кои одвај чекаат да дојде моментот за да се изјаснат со потпис дека се против овој предлог закон, за кој сме свесни дека ќе ја уништи иднината на нашите деца. Дел од граѓаните се плашат бидејќи се навраќаат на минатиот референдум кој не успеа. НО! Морам да напоменам дека тоа беше тешка игра во која референдумот беше консултативен и во кој едната страна бојкотираше наместо да го повикаше своето население да гласа. Тука главна улога одигра валканата политика. За разлика од политика ние одиме на референдум за одлучување и овој пат ние граѓаните ќе одлучуваме за своите деца! Ова нема врска со било кој минат референдум и нема врска со политика. Секој еден е родител, без разлика на вера, нација и партија, и секој еден загрижен граѓанин треба да излезе на референдум за да одлучи за иднината на своите деца и идните генерации.
На што Вие најмногу замерате во најавената реформа во образованието? Што мора да се промени во она што Владата го најавува?
– Ние имаме 8 точки на барања кои сакаме да ги решиме. Најмногу проблем ќе имаме ако се воведе целосната дигитализација, бидејќи целосна дигитализација нема никаде во светот, но има комбиниран модел. Самите уреди децата ќе нема да ги носат на училиште, туку ќе ги користат дома. Се уште не е дефинирано каков ќе биде тој дигитален уред и кој ќе го набавува и одржува. Јасно е кажано дека дигитализацијата се воведува за да можат да прават чести измени во содржините, што не е во ред.
Втора поголема проблематика е што сакаат да воведат сеопфатно сексуално образование. Во деветто одделение ќе понудат изборен предмет “сексуално образование”, но сеопфатното сексуално образование ќе се имплементира во секој предмет во наставата , кое содржи 8 компоненти, меѓу кои една од нив е родово –сенсзитивно образование кое воопшто не би сакале да се имплементира во основното образование. Тука се крие страшно сценарио со кое на децата преку едукација, слики, видеа и недоличнии содржини ќе им се наметне мислата да си изберат род независно од својот пол. Односно полот е физичка карактеристика со која се раѓаме, но родот може да биде различен од полот во зависност од тоа како детето себеси се доживува и како се чувствува. Што значи иако некое дете е родено со машки органи , може по род да биде жена доколку така се чуствува. Не може едно дете за ваква тема да размислува само доколку не му се наметне!!! А нив тоа им е целта! За вакви теми детето треба да биде на соодветна возраст, за да може да ги разбере, а тоа никако не е за деца во основно образование.
Најавуваат инклузија на деца со попреченост и посебни потреби без да обезбедат основни услови во училиштата. На овие деца и те како им се потребни посебни услови согласно нивните потреби, вклучително пристапност ,инклузивен тим, обучени наставници и обучени образовни асистенти. Не се консултирале со родителите на овие деца да ги прашаат што е најдобро за нив! Наместо да пуштат на обука лица кои ќе работат на инклузијата максимално професионално и посфетено, тие пуштаат наставници на обука за сеопфатно сексуално образование.
Будно ќе ги следиме чекорите на министерката
Ако успеете да собере потписи кога би можело да се очекува самиот референдум? Што доколку референдумот не се одржи пред почетокот на новата учебна година во септември? Што доколку МО си остане на својот концепт кој предвидува промените да почнат да се реализираат веќе од септември?
о Ние ќе се бориме до крај. Се надеваме дека потписите ќе ги собереме и за пократко време. Нека не замислува министерката дека е летен распуст, и дека родителите ќе заспијат во зимски сон, туку будно ќе ги следиме нејзините чекори и нејзините одлуки кои ги носи сама. Што и да одлучи да имплементира кај нашите деца без наша консултација и одобрување, ние ќе го спречиме. Спремни сме за ова да се бориме на секаков начин. Ако треба од септември целосно ќе ја бојкотираме наставата. Ако упорно се турка законот и концепцијата без дозвола од родителите ние ќе се бориме со сите средства, па ако треба и до Стразбург.