Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.
Министерството за внатрешни работи денеска обави дека превентивна кампања, со цел на граѓаните да им се укаже за можните последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства, посебно актуелна пред и за време на новогодишните и божиќните празници.
Исто така, предвидени се и репресивни мерки, со цел санкционирање на употребата на петарди и други пиротехнички средства и ги потсетува граѓаните за законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба.
-Согласно Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години. Ако предмет на делото е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор, појаснуваат од ресорното министерство.