Од 360 ученици кои се хранат во целодневна настава, околу 140 ученици се со исти или слични симптоми, соопшти денеска директорот на основното општинско училиште „Ѓорѓија Пулевски“ Александар Филипчев во изјава за медиумите, откако повеќе деца во училиштето се пожалиле дека не се чувствуваат добро.
– Во раните утрински часови одреден број од наставниците пријавија зголемен број отсутни ученици со исти симптоми. Како училиште веднаш ја затворивме кујната, го спречивме топлиот оброк, дел од учениците од целодневна настава беа испратени дома бидејќи не може да останат долго време без топол оброк. Од 360 ученици кои се хранат во целодневна настава, околу 140 ученици се со исти, слични симптоми, изјави Филипчев.
Подвлече дека случајот е пријавен до сите надлежни институции и дека е извршен вонреден инспекциски надзор.
– Ќе постапиме согласно законската регулатива, одговори тој.
Инаку, на Детската клиника и на Инфективната клиника нема згрижено деца од основното општинско училиште „Ѓорѓија Пулевски“ кои имаат симптоми на труење со храна.
Агенција за храна и ветеринарство соопшти дека е наредено затворање на кујната, од која инаку не се носеле оброци за други училишни кујни, се до добивање на резултатите од лабораториските тестирања со што ќе се потврди безбедноста.
– Изречени се мерки за темелно чистење на кујната, дезинсекција, дезинфекција и дератизација, спроведување на вонредни здравствени прегледи на вработените лица во кујната, наведуваат од АХВ.
Појаснуваат дека по добиеното известување за сомнеж за труење со храна на осум деца во основното училиште ,,Ѓорѓија Пулевски” во скопската општина Аеродром, инспекциски служби на Агенцијата, во соработка со тимови од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје, Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Институтот за јавно здравје – Скопје, спровеле вонреден инспекциски надзор во кујната во училиштето.
– Земени се четири контролни оброци од храната која на учениците им била послужена минатиот ден, мостри од храна – салата од краставица, супа, мусака со мелено месо и компири и бомбици што ќе бидат лабораториски испитани. Исто така за лабораториско тестирање земени се и пет бриса од работни површини и од опрема, како и испироци од раце од вработените лица во кујната, појаснија од АХВ.
Случајот го потврди и Државен санитарен и здравствен инспекторат.
-Денеска Државен санитарен и здравствен инспекторат по телефонски пат е известен од страна на раководителот на одделението за епидемиологија од ЈЗУ ЦЈЗ Скопје дека имаат сознанија за појава на стомачни тегоби кај повеќе ученици од ООУ Ѓорѓија Пулевски – Скопје за кои постои сомнеж дека станува збор за труење со храна.
-Известени сме дека епидемиолозите направиле контакт УЗЈ УК за инфективни болести и фебрилна состојба и УЗЈ УК за детски болести но во овие здраствени установи не се јавиле на преглед ученици од наведените училишта со стомачни тегоби. Одделението за епидемиологија известено е од матичен лекар дека три деца- ученици во тоа училиште дека веќе се јавиле на преглед и ќе бидат доставени пријави за заразно заболување, стои во соопштението од ДЗСИ.