Од денеска па до 26 номеври сите заинтересирани граѓани ќе може да направат бесплатни тестови за ХИВ и други сексуално преносливо болести на Клиника за инфективни болести. Тестирањето е дел од кампањата „Грижи се за себе“ по повод Европската недела на тестирање и месецот на машкото здравје во соработка на Инфективната клиника и ХЕРА.
На Инфективната клиника тестирањето за ХИВ може да се направи доверливо и секој може да дојде и да се тестира анонимно. Во ХИВ-амбулантата на Инфективна за пациентите има и психолог и социјален работник.
Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА вчера изјави дека посочи дека во нивните младински центри „Сакам да знам“ веќе 17 години е овозможено тестирање за ХИВ и за различни сексуално преносливи болести. Во центрите се нудат и бесплатни кондоми, контрацепција и брзи бесплатни тестови за ХИВ, а во пакетот услуги што е овозможено во нареднава седмица е бесплатно тестирање и за сифилис, гонореја и кламидија. Препорачливо е претходно да се закаже на телефонскиот број: 3176-950.
-Тестовите се брзи, за 20 минути се добиваат резултати кои значат навремена терапија доколку се открие ХИВ-позитивен статус за да превенираме понатаму пренос на ХИВ и други сексуални инфекции, рече Матевска.
Нагласи дека треба да се зголемат средствата во буџетите за превенција и дека многу важна е едукацијата.
-Едукацијата и подигнување на свесноста е она што можеме дополнително да го направиме, затоа што фактите велат дека 36 отсто од младите кои се сексуално активни не користат заштита, не користат кондоми. Затоа ни е потребно и сексуално образование уште од најрана возраст. Така ќе влијаеме и на детабуизирање на овие теми, рече Матевска.
Инаку, на Клиниката за инфективни болести во 2023 година се откриени 46 лица позитивни на ХИВ, од кои 41 се на редовен антиретровирусен третман. Една третина од овие пациенти се откриени во доцна фаза од болеста.