Од денеска уверенијата за казнена евиденција ќе се вадат дигитално

Преку националниот портал за услуги  uslugi.gov.mk од денеска граѓаните за само неколку минути ќе можат да добијат уверение од казнена евиденција.

Набрзо истото ќе може да се направи и за изводите од кривична евиденција, а се работи и на трета услуга, односно дигитално издавање на уверение дека против лице не е изречена санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност.

Сите овие уверенија и потврди на граѓаните им се потребни за вработување, доколку сакаат да добијат виза или работа во странство. Со други зборови, тоа е доказ дека нема сторено кривично дело, не се води кривична постапка. Дополнително, доколку некое лице сака да се јави на тендер ќе мора да има ваква потврда, а и поголем број странски компании во земјата бараат вакви изводи при вработување.

Освен што со воведувањето на овие услуги судовите ќе направат заштеди изразени во милиони евра кои ќе можат да ги инвестираат тие нивни сопствени пари во генерално подобрување на нивната работа, дигитализацијата на правосудниот систем ќе го минимизира човечкиот фактор во дел од процесите и процесните дејствија и во пракса нема да има повеќе случаи од преку три илјади недостапни пресуди до странки и максимално ќе се елиминираат изговорите за застареност за гонење, рече премиерот Зоран Заев ко заедно со министерот за првада Бојан Маричиќ и судијата Лазар Нанев го промовираа овој проект.

Министерот Маричиќ, пак, смета дека ова генерално придонесува и за сузбивање на корупцијата.

Судијата Нанев појасни дека дигиталните услуги за издавање на уверенија од казнената евиденција се однесуваат во овој момент на физичките, а во активност е имплементирање и за правните лица и ги опфаќаат сите основни судови кои постапуваат по кривичните и прекршочните предмети.

Услугата, истакна Нанев, овозможува електронско поднесување на барањето, електронско плаќање преку платежната картичка и електронско добивање на потврдата, односно уверението во ПДФ формат со бар код, односно сертификат што подразбира поврзување на документот со електронскиот потпис и електронскиот печат којшто е издавач на документот со којшто се потврдува идентификацијата и веродостојноста на документот.

 

Претходна вестЗаев одлучил за оставките, ОЈО и судот да одлучат дали има индивидуална одговорност
Следна вестНови амбасади ќе се градат во Атина и Анкара, добиени имоти од СФРЈ ќе се реновираат или продаваат