Нејаснотии, дилеми и збунетост се предизвика во јавноста откако Град Скопје објави конкурс за избор на идејно решение за парк на местото на Универзална сала, додека таа би се дислоцирала односно би се градела на друго место. Култното обележје на градот со децении наназад, откако прв пат беше најавено дека ќе се реконструира во 2013 година – е само предмет на постојани ветувања и најави, секогаш различни, никогаш без јасна цел: како да се даде живот на уникатната, светска а наша Универзална сала?
Во 2013 година, во време на градоначалникот Коце Трајановски и на министерката за култура Елизабета Канческа Милеска, беше актуелен проект салата да се урне и изгради нова во форма на јајце. Но, во 2016 тој проект се откажа од финансиски причини, па се најави проект со реконструкција на постоечкиот објект со доградба на застаклена галерија. По доаѓањето на Шилегов со тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски беше потпишано „писмо за намери“ за нејзина обнова во 2018 година. Но и тоа не се оствари. Во мај 2018 имаше најави дека реконструкција ќе следи во 2019 година. Последното ветување е од април годинава кога Шилегов рече дека проектот годинава ќе се реализира и од причина што Скопје е кандидат за европскиот град на културата во 2028 година. Претходно, во декември минатата година беше најавено дека изградбата на нова сала ќе започне веднаш во јануари годинава и дека ќе биде распишан конкурс за идеен проект бидејќи два проекта кои веќе постојат не се добри…
Мислењето на граѓаните е поделено во однос на тоа дали треба или не да има нешто друго на местото на Универзална сала. Барем што се однесува до гласот на народот на социјалните мрежи… Иако е нејасно зошто транспаретно не се прашаат скопјани што треба да се прави и дали воопшто се сложуваат со нејзината дислокација односно градба на друго место.
-Мене вооошто не ми се допаѓа идејата за преселување на салата. Самата Универзална сала и локација на која се наоѓа се препознатлив белег за градот и за граѓаните. Доволно е само да се каже „кај Универзална“ и се знае и што е и каде е. Да не зборувам колку емоции влече таа сала по сите одржани фестивали, манифестации на кои присуствувале илјадници и илјадници граѓани. Новата сала треба да е на исто место. Вака, имам чувство дека таа никогаш нема да се направи, изјави естрадниот уметник Перо Христов за „Скопско ехо“ пред околу еден месец, кога беше најавена оваа идеја.
Дали целата процедура околу евентуална дислокација и нејзино градење на друго место ќе се реализира е прашање, кое единствено е сигурно дека во овој мандат, на овој скопски градоначалник, нема да му се оствари. А што ќе биде во иднина судејќи според сите ветувања и најави дадени до сега останува апсолутна неизвесност…