Од патарини наплатени речиси 9,5 милиони евра во првиот квартал, ќе дојде ли на ред поевтинувањето?

Точно 581 137 560 денари или околу 9,45 милиони евра изнесуваат приходите од наплатата на патарини на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во првиот квартал од годината (јануари, февруари и март 2022 година). Тоа е 16,37 отсто од вкупно планираниот приход по тој основ за годинава.

Извештајот за финансиското работење на ЈПДП покажува дека во споредба со истиот период лани, оваа година приходот е поголем за 6,81 отсто односно за 37 070 841 денар или речиси 603 илјади евра.

Со оглед на мошне зголемената фреквенција на возилата во овој летен период извесно е дека приходите по овој основ ќе бидат значително зголемени. За колку, ќе покажат пресметките.

Надлежните, пак, се уште не најавуваат намалување на цените на патарините иако за тоа зборуваа пред повеќе месеци. Образложение е дека се работи на „нова методологија“ но која никако да се заврши. Дали зголемените приходи сега ќе ги убедат надлежните дека може да се изврши корекција на цените надолу?

Од наплатената акциза од нафтени деривати, пак, приходите од јануари до март изнесуваат 992 499 126 денари или околу 16 милиони евра. Тоа е 21,34 проценти од планираните приходни за годинава. Во споредба со лани, приходот по оваа ставка е зголемен за 50,54 отсто односно за 333.191.925 денари или 5,4 милиони евра.

Извештајот на ЈПДП покажува и дека приходите од употреба на јавните патишта за моторни и приклучни возила односно патната такса што се наплаќа при регистрација на возилата во првите три месеци биле 406 271 881 денар или 6,6 милиони евра. Тоа е над 19 отсто од планирате средства за оваа година врз основ на оваа такса.

Ако се споредат вкупните приходи од првиот квартал годинава со истиот период лани тие во 2022 се поголеми за 386 856 456 денари или речиси 6,3 милиони евра.

 

Претходна вестЗемјотрес со јачина од 2,8 степени во Косово е почувствуван и во Скопје
Следна вестВозило излетало од автопатот Градско-Неготино, има повредени лица