Од понеделник нецелосно вакцинирани и невакцинирани деца со ди-те-пер нема да се примат во градинките

Невакцинираните или нецелосно вакцинираните деца со вакцината ди-те-пер од понеделник да не се примат примаат во градинките, забрана е која денеска ја соопшти Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

Инспекторатот ја доби одлуката од министерот за здравство за засилени контроли во градинките во согласност со препораката на Комисијата за заразни болести. Комисијата препорача нецелосно вакцинираните и невакцинираните деца да не одат во градинка за да се заштитат себе, но и другите, поради епидемијата на голема кашлица во Скопје.

-Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја доби одлуката од Министерот за здравство врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести, да изврши вонредни инспекциски надзори и забрани прием на деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани со вакцината дитепер или се нецелосно имунизирани со оваа вакцина. Вонредните инспекциски надзори ќе почнат в понеделник на 11.3.2024 година со издавање решение за забрана на прием на деца што не се имунизирани со ди-те-пер или се нецелосно имунизирани со дитепер и други наложени епидемиски мерки, велат од Инспекторатот.

Инспекторите ќе ги задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со дитепер, ќе им советуваат да не се примаат деца со други инфективни заболувања, како и за секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје Скопје.

Комисијата за заразни болести на состанокот одржан на 5 март донесе препораки за Државниот санитарен и здравствен инспекторат да го засили инспекцискиот надзор на територијата на Град Скопје за да се добие пореална слика дали се почитува препораката на Комисијата за тоа дали се примаат невакцинирани деца во градинките.

Претходна вестВо бугарскиот конзулат во Битола имало „недозволиви прекршувања“, се тврди дека чистачка правела интервјуа за државјанства
Следна вестГрад Скопје: Случајот со исчезнатите клупи е пријавен во полиција, Пановски само го интересира паушалот од 500 евра