„Леб и чоколадо“ е играниот филм на Франко Брусати со кој на 17 мај, во летното кино „Мирно лето“ во Кинотека на Македонија, почнува Неделата на италијански филм. Ќе трае до 23 мај.
Неделата на италијанскиот филм годинава како централна тема ја има преселбата пред се заради печалбарски причини, најактуелна во продукцијата од 70-тите до поновата продукција од првата деценија на новиот век.
Во т.н. горчлива комедија „Леб и чоколадо“ на Брусати од 1973 се обработува сторијата за неприлагоденоста на италијански економски емигрант во Швајцарија (улогата ја толкува Нино Манфреди), кој се обидува, но никако не може да се вклопи во швајцарскиот менталитет и постојано е во судир со полицијата бидејќи со неговиот нескротлив јужњачки темперамент ги вознемирува „студените“ Швајцарци.
Ова е филмот на отворањето, но љубителите на филмската уметност во следните денови ќе можат да уживаат во „Да ви се претставам?“, „Сако и Ванцети“, „Новиот свет“, „Убав, чесен емигрант во Австралија би се оженил со чесна сограѓанка“, како и „Добредојдовте на југ“.