Државниот инспекторат за животна средина има недоволен број на инспектори – само 21 вработен од 53 предвидени по систематизација, алармира денеска Сретен Стојковски, директор на оваа институција. Тој додаде дека имаат и други проблеми.
– Инспекторите имаат и потреба од две теренски возила, а самиот инспекторат се наоѓа во привремено отстапени простории, наведе тој.
Стојковски во отчетот за работењетона ДИЖС рече дека во првите шест месеци од годинава јануари – јуни реализирале 1 057 инспекциски надзор од кои 692 редовни, 185 вонредни и 180 контролни инспекциски надзори. Утврдени се 233 неправилности, за кои се изготвени 212 решенија со кои се наредуваат или забрануваат одредени активности. Примени се 66 претставки од граѓани, од кои 19 се однесувале за инспектори на ДИЖС,а 47 биле за комунални инспектори. Најчесто овие претставки се однесувале за управување со отпад, палење стрништа, димење, бучава, сечење градско зеленило…
– Во овој шестмесечен период инспекторите постигнале 15 спогодби, изрекле осум платни налози, 12 прекршочни и една кривична постапка. За овие мерки над 170 илјади евра од овие се легнати во буџетот на Министерството за животна средина, изјави Стојковски.
Тој предупреди и на тоа дека пречистителните станици во Македонија, односно институциите кои раководат со нив, се соочуваат со неможност да ги платат високите сметки за електрична енергија. Првиот човек на ДИЖС рече дека ако порано сметките за електрична енергија им била милион денари, сега тие се и до осумкратно поголеми.
– Пречистителните станици се актуелни деновиве поради виоските сметки за струја кои им доаѓаат. Веќе пречистителните станици во градовите каде што ги има, најавуваат дека нема да бидат во можност да ја прочистуваат отпадната вода. За тоа разговарав со раководителот во Управата за животна средина и отпадни води за да направат една информација до Владата, бидејќи сметките ако биле еден милион, сега се осум милиони, алармираше Стојковски.