Колумна на Дарко Ангеловски:
Нова, современа, урбанистички средена… сето ова се епитети кои и се даваат на општината Аеродром. Најчесто, од соговорниците од страна, кои не живеат во неа. Ако ги прашате аеродромците, ќе Ви одговорат дека се „изморени“. Од што? Од секојдневниот метеж, бучавата која доаѓа од неколкуте булевари, од проблемот да најдат место за паркирање, од тоа да пазарат на единственото пазарче, од тоа што им стана редовност сабајле да ги буди брмчењето на тестерите кои ги сечат старите стебла, од багери кои уриваат стари бараки и копаат дупки, од звуците на бетонски мешачки, камиони, од прашината од градилиштата. Така е веќе со години и не запира. Неодамна токму во овој медиум видовме како се сечат нови десетици стари дрвја со големи крошни за да се гради нова зграда на местото на старите воени бараки.
Ова едноставно треба да запре. На Аеродром му треба одмор, смирување за неговите жители. Тие да почувствуваат како е да се живее еден нормален општински живот. Да можат да излезат од влезот, а градежната прашина да не биде прво нешто што ќе го сретнат, да може да прошетаат по кејот на Вардар во мир и тишина, да најдат место за паркирање без да ја изгребат колата. На Аеродром, едноставно му треба пауза, стопирање на градбите. Во ред, она што е почнато да се гради треба и да се заврши. Не може луѓе кои договориле градби да останат без договореното и платеното. Но, по ова, не треба да се издаваат нови дозволи за нови згради. Можеби само за една-две, но вака како што сега се прави со дозволите никако. Односно, барем за момент да запрат нечесните зделки во кои во општината се гласаат ДУП-ови со повеќекатници, со скриени дуќани, мезанини, поткровја и кои потоа завршуваат во имотните листови на оние кои дозволиле така да се направат, преку договорите со инвеститорите. А тоа е посебен проблем за кој мора и ќе се најде лекот, се разбира, ако се сака.
А тој мораториум да се искористи за средување на општината: за средување на споредните улици кои одамна не се подобрени, на зеленилото, на подземни паркиралишта (кои што се најдобро решение за овој проблем), на изградба на некои забавни содржини во кои што би уживале граѓаните. Веќе не смее да се дозволува таквото сечење на дрвја како што сега се случува. Сметам дека за такво нешто казните треба да бидат значително високи а не ниски како сега.
Едноставно, на аеродромците им треба одмор по кој ова живеалиште навистина ќе биде достојно за удобно живеење а што само го слушат како лажни изборни ветувања на секои четири години.