Одбележан Денот на македонската полиција, министерот и заменикот министер различно гледаат…

Одржана централната прослава за одбележување на Денот на македонската полиција 7-ми Мај. Имено, во скопската општина Аеродром денеска се имаше настан на кој имаше обраќања на раководството во МВР, како и изложба и презентација на опрема на различни полициски единици.

На прославата присуствуваа министерот за внатрешни работи во техничката Влада Панче Тошковски и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев.

Министерот Тошковски рече дека кога дошол на позицицијата прв човек во МВР се соочил со недостоинствени услови за работа на полицијата, но и неизмерна желба за професионално и чесно вршење на должноста полицаец.

-Утре навршуваат 100 дена од моето раководење со оваа значајна институција, 100 дена макотрпна работа, во кои го дадовме најдоброто од себе за да им служиме на граѓаните. Кога ја добив честа да бидам назначен на оваа позиција во рамките на техничката Влада, знаев дека ме очекува напорна задача и знаев дека сум исправен пред тежок и сериозен предизвик, но ни најмалку не очекував дека ќе се соочам со толку недостоинствени услови за работа на припадниците на полицијата, а истовремено и дека ќе сведочам на толку неизмерна желба меѓу нив за професионално и чесно да си ја вршат својата должност и да им помагаат на оние на кои тоа им е најпотребно, рече Тошковски.

Бојмацалиев, пак, посочи дека изминатиот период институцијата МВР од затворена и нетранспарентна прераснала во најтранспарентна.

– Вложивме 17 милиони евра во подобри услови и изградба на полициски објекти, 14 милиони евра за нови униформи  и опрема, ја покачивме платата 35 отсто и ги исплативме сите бонус плати. Единствено, жалам што немавме кога да издадеме уште една монографија за периодот 2022 – 2024 година бидејќи во тој период се реализираа многубројни достигнувања за државата и полицијата. Благодарам од срце за сите убави моменти од 2017 до денеска. Со гордост можам да кажам дека успеавме МВР да го направиме МВР за граѓаните. Уверен сум дека создадовме одлични услови за полицијата да остане непоколеблив бедем за заштита, рече Бојмацалиев.

 

Претходна вестЛебот нема да поскапи следните два месеца, после ќе се први анализа
Следна вестБездомни кучиња искасале тројца скопјани во Гази Баба и во Аеродром