За да може да функционира скопската Противпожарна бригада како што треба, со својот полн капацитет, треба да има минимум 450 пожарникари, а во овој момент има 180, предупреди скопската градоначалничка Данела Арсовска на денешното одбележување на Демот на пожарникарите.
Зборувајќи пред пожарникарите во нивната база таа рече дека проблемот е во немањето на слух на надлежните за овој проблем.
-Пречка за ова претставуваат одобрувањето на средствата и бројката од дотациите што доаѓаат од буџетот, кои, за жал, во текот на овие изминати години немаше слух да биде надминато и да добиеме одобрение за пополнување на бројот од 180 до 450. Затоа повторно морам да апелирам, ова треба да биде една од првите работи што ќе се сменат, рече Арсовска.
Таа им вети на пожарникарите дека ќе се заложи да добијат повисоки плати и нови униформи.
-Прво, нашите пожарникари треба да имаат промена во условите од кои може да бидат платени. Тие лимитирани средствата што ги добиваат како надомест за нивната работа навистина се ниски. Тоа го утврдува законот и, за жал, ние како локална самоуправа не можеме да одиме над она што е утврдено со законските рамки, дури ни преку колективен договор. Затоа, апелот е лимитирачките услови што ги ограничуваат нивните бодови да бидат меѓу првите нешта што ќе бидат отстранети со нов пропис, рече градоначалничката Арсовска.
Градоначалничката зборуваше и дека петнаесет години тие немаат нови униформи поради бирократски процедури. Очекува поништувањето на сегашниот правилник да биде исто така меѓу првите прописи што ќе ги смени новата влада, како и одобрувањето доволно средства од буџетот за нови вработувања.
Командантот на Противпожарната бригада, Звонко Томески рече дека Бригадата успева да одговори на сите повици.
-Денес, за жал, броиме 180 пожарникари од предвидените 384. Имаме 2.000 интервенции успешно реализирани од минатиот мај, рече Томески.